Априлската синдикална кошничка поголема за 836 денари од мартовската

од Nikola Popovski
21 прегледи

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец април 2025 година изнесува 62.691 денари, што е зголемување од 836 денари во споредба со март, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму велат дека реално и оправдано е барањето за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, како и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.

Најмногу, односно 21.480 денари (34,3%) од буџетот се издвоени за храна и пијалоци. За облека и обувки се издвоени 5.634 денари (9,0%), станарина, вода, електрична енергија и греење 6.096 денари (9,7%), лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.455 денари (3,9%).

За здравје се издвоени 1.136 денари (1,8%), транспорт 4.615 денари (7,4%), комуникации 3.417 денари (5,5%), рекреација и култура 5.592 денари (8,9%), образование 7.036 денари (11,2%), ресторани и хотели 4.131 денари (6,6%) и останати стоки и услуги 1.100 денари (1,8%).

-Евидентно од вредноста на Синдикалната минимална кошница е дека мерките се потребни и истите задолжително мора да траат подолг временски период, но поради нефер трговските практики на дел од трговците, последната мерка на Владата за ограничување на маржите за најмалку 10% даде половичен ефект, се наведува во објавата на синдикатите.

Од ресорот економија неодамна соопштија дека наскоро ќе ја дадат на увид кошничката, а до крајот на месецов очекуваат да биде верификувана во рамки на Економско социјалниот совет. Она што се знае сега дека повеќе нема да се нарекува минимална туку просечна. Во новата потрошувачка кошница нема да има цигари, алкохол и несезонско овошје, но ќе има домашно овошје, зеленчук и други сезонски земјоделски производи. Одмор во странство и купување нов автомобил, исто така не се планираат во пресметката на владината потрошувачка кошничка. Методологијата за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика.

ССМ ја пресметува синдикалната минимална кошничка од 2011 година и вредноста на истата има за цел да им покаже на креаторите на политиките дека платите се ниски и мора континуирано да се зголемуваат.

Слични содржини