Петмина повредени од кочанската трагедија се враќаат од лекување од Белград

од Nikola Popovski
24 прегледи

Министерството за здравство информира дека денеска пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија, по што согласно протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиника за пластична хирургија и во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“.

Во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, со што во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.

Во земјава во моментот се лекуваат 7 пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ се хоспитализирани вкупно 4 пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.

Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.

Уште еден пациент им подлегна на повредите од пожарот во Кочани, со што бројот на жртви во трагедијата се искачи на 62 лица. Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што речиси 200 беа повредени.

Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.

Слични содржини