Трендафилов: Не е време за пиво и скара – колку ќе дојдете на протест, толку ќе добиете

од Nikola Popovski
55 прегледи

Првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов денеска уште еднаш повика на масовност на протестот на работниците на 1-ви мај. Протестот ќе започне во 11 часот од пред зградата на Работничкиот дом.

Според Трендафилов, платите во Македонија се мизерни и не се зголемуваат согласно Колективните договори. Тврди дека Владата и работодавачите одбиваат да ги зголемат сите плати. Смета дека ова се доволни причини за протест на првиот ден од месец мај, а не за марш.

-Денеска не е време кога треба да празнуваме. Треба да менуваме традиција и ние како и сите земји во ЕУ да излеземе на протест и на таков начин да го изразиме нашето работничко незадоволство. Денеска за жал, огромен број на работници во приватниот сектор, немаат добиено плата за месец март. Колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме, толку ќе добиете и толку ќе добиеме. Владата и работдавачите нѐ бројат, рече Трендафилов на прес-конференција и додаде дека во Македонија, минималната плата го пробуши дното.

-Не е време за пиво и скара, време е за борба за работнички права, дециден е претседателот на ССМ.

Околу процесот за репрезентативноста на синдикатите, Трендафилов вели дека процедурата е на половина – преброени се половина од членовите на ССМ. За оваа недела не е закажана седница на Комисијата за утврдување на репрезентативност.

-Тоа што нас нѐ загрижува е што во моментот сите се против ССМ само затоа што бараме зголемување на платите и достоинствен живот. Работниците треба да застанат со нас. Никој не може да им се заканува, порача првиот синдикалец во државата.

Слични содржини