Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски посакува повторно да ја добие поддршката за да остане на чело на општината. Запрашан дали ќе се кандидира за уште еден мандат, Герасимовски денеска изјави дека „поседува енергија, искуство и силен тим кој е подготвен да продолжи и во следните четири години“.
-Веќе се подготвува одлична програма со голем број нови проекти, насочени кон подобрување на секојдневието на граѓаните. Завршуваме со реализација на капиталните проекти што ги ветивме, и верувам дека граѓаните го препознаваат и го ценат сето она што го направивме досега, истакна градоначалникот.
Тој појасни дека во моментов се спроведуваат анкети за мислењето на граѓаните.
-Ако добиеме позитивен сигнал, планирам повторно да се кандидирам. Имаме механизми да детектираме што им е потребно на Центарци, за тоа добиваме повратни информации и од урбаните заедници. Заедно ќе го креираме патот понатаму, рече Герасимовски за „Студио 10“ на „ТВ 24“.