Најдобриот шпански тенисер во моментов, Карлос Алкараз, кој во неколку наврати призна дека Рафаел Надал бил неговиот херој од детството, изјави дека не сака да го сметаат за наследник на неговиот голем сонародник.
„Не сакам да ме нарекуваат наследник на Надал, сакам да ме викаат Карлос Алкараз Гарсија“, вели светскиот рекет број 3 во документарната серија „My Way“, снимена од „Нетфликс.
Камерата го следеше младиот Шпанец во текот на целата 2024 година, во која тој ја бранеше титулата на Вимблдон и првпат го освои Ролан Гарос, каде Надал триумфираше рекордни 14 пати. И покрај неговите успеси, Алкараз не се двоуми да признае дека имал проблеми со балансирање на професионалниот и личниот живот.
„Мислам дека мојот страв во моментов е дека тенисот станува обврска за мене“, рече тој. Во една сцена тој со солзи зборува и за поразот од Гаел Монфис во Синсинати, по што си го скрши рекетот.
„Вистината е дека не бев доволно ментално силен за да се справам со стресот. Дали имам менталитет да станам најдобар играч во историјата? Моментално не знам, млад сум, имам многу години пред мене. Но, според она што го доживеав досега, дефинитивно претпочитам среќата да ја ставам на прво место пред секоја цел“, вели и Карлос Алкараз.