УЕФА размислува за големи промени во форматот на нокаут фазата во Лигата на шампионите, вклучувајќи укинување на продолженијата и воведување пенали веднаш по завршувањето на регуларното време.
Идејата, која веќе беше предмет на дискусија во Комитетот за клупски натпреварувања на УЕФА, има за цел да го намали физичкиот товар на играчите во презафатениот календар.
На маса се три клучни промени
Пенали наместо продолженија
Во случај на нерешено по 90 минути, натпреварите би се решавале веднаш со изведување пенали, без дополнителни 30 минути игра.
Домашна предност во реваншот
Клубовите кои ќе завршат меѓу осумте најдобри во лигашката фаза ќе имаат предност да ги играат реванш натпреварите од осминафиналето, четвртфиналето и полуфиналето на домашен терен. Моментално оваа предност важи само за осминафиналето.
„Државна заштита“ во ждрепката
УЕФА размислува повторно да воведе правило со кое клубовите од иста земја нема да играат еден против друг пред четвртфиналето, за да се избегнат предвремените национални дуели кои се помалку привлечни за гледачите и спонзорите.
Се очекува Комитетот за натпревари на УЕФА да одлучи за овие предлози на состанокот закажан за 30 мај во Минхен.
Доколку бидат одобрени, промените би можеле да стапат на сила веќе следната сезона.