Притвор и мерки на претпазливост за три лица за предметот „Адитив“

од Nikola Popovski
38 прегледи

Мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот – вработен во едно од обвинетите правни лица и мерки на претпазливост за две лица – едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино и за актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, определи Судот, постапувајќи по предлог на Обвинителството во продолжената акција за предметот „Адитив“.

Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против три лица, поврзани со продолжување на акцијата, од обвинителството означена како „Адитив“, по нивно произнесување во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител.

-Односно, против Б.Н. осомничен за кривичните дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3  од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело Oддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Претходно од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.

Слични содржини