Родителите на загинатите во „Пулс“ утре организираат „Марш на ангелите“ во Скопје

од Nikola Popovski
90 прегледи

Утре во Скопје ќе се одржи протестен „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани. Маршот ќе почне во 12 часот и 05 минути како симболика за задоцнета реакција и тоа од пред Oбвинителство, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.

„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати па пушти без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себеуништување“, истакнаа семејствата во писмено соопштение.

Пред два дена улиците во центарот на Кочани беа исполнети со нема протестна поворка, со бројни родители кои со фотографии од децата бараат правда за нив. Мајките на загинатите ги прозваа и обвинителите, инспекторите, министерот за внатрешни работи и директорот на БЈБ и прашаа зошто ги штитат виновниците. Обвинија и дека дел од нив добиваат закани.

Од Обвинителството информираат дека испитувањето на оштетените во пожарот во Кочани се планира на почетокот на мај. Во зависност од здравствената состојба на повредените, тие навремено ќе бидат известени за остварување на нивните права и за вклучување во постапката со нивно испитување.

Истрагата за трагедијата во Кочани сè уште е во тек, до сега осомничени се 68 физички и правни лица, а листата на осомничени е проширена со нови двајца инспектори и командир од Полициската станица во Кочани.

Слични содржини