Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски информираше дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ќе ги прими на средба родителите и членовите на семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. Како што истакна пратеникот, ќе разменат информации за она што тие го бараат и што до моментов е направено за истрагата.
Од овие причини, рече Мицевски, барам еден час пауза во Собранието, а потоа да се продолжи со интерпелацијата на министерот. Мицевски смета дека на пратениците на Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата, воопшто не им е гајле, бидејќи како што рече, не се присутни.
Следствено на тоа, претседателот на Собранието, Африм Гаши даде час пауза и истакна дека седницата ќе продолжи во 15 часот и 30 минути.
Претходно пратениците од Левица и СДСМ излегоа на средба со родителите кои од Кочани дојдоа на протестен „Марш за ангелите“ во Скопје. Маршот почна од пред зградата на Јавното обвинителство, продолжи преку плоштад „Македонија“, па заврши пред Собранието.