Граѓаните и овој месец добија повисоки сметки за струја. Проблемот за кој јавноста подолго време алармира лежи во паушалното пресметување на сметките за струја. Од Регулаторната комисија за енергетика најавија решение, но проблемот се уште не е решен. Енергетските експерти ги советуваат граѓаните да ги отчитуваат струјомерите месечно и состојбата да ја испраќаат во ЕВН, односно да ја вршат работата на инкасаторите кои се платени за тоа, а не го прават.
Некои од граѓаните на социјалните мрежи се пожалија дека сметките им биле за неколку илјади повисоки. Дел од граѓаните, пак велат дека добиле двојно поголеми сметки од претходниот месец.
Од Регулаторна смируваат дека ќе има пребивање, односно оној што платил повисок износ истиот ќе биде минусиран од сметката за наредниот месец. Но, граѓаните не се задоволни од ваквиот начин на наплата на сметките и велат дека немаат толку пари во месецот да дадат одеднаш само за струја.
-Ме прашува ли мене некој дали во месецот имам неколку илјади повеќе да ги дадам за струја. Не е само струјата има и други комуналии ние едвај ги плаќаме сметките и врзуваме крај со крај во месецот и немаме пари за авансно плаќање на сметките за струја, вели една Скопјанка на социјалните мрежи.
Експертите посочуваат дека отчитувањето на броилата мора да биде обврзувачко и да се спроведува секој месец. Без редовна и точна проверка, потрошувачите не само што плаќаат повеќе, туку преминуваат во повисоки тарифни блокови, што дополнително ги зголемува нивните сметки.
Експертите сметаат дека најдобро е да има далечинско отчитување секој месец, а доколку нема граѓаните сами да ги отчитуваат броилата и состојбата да ја праќаат во ЕВН Хоум. Во тој случај нема да се прават грешки, бидејќи на граѓаните ќе им се наплати толку колку што потрошиле.
Во јануари годинава, до ЕВН Хоум пристигнале 1.385 барања за корекција на фактурите. Оние што не успеале да добијат исправка, се обратиле и до РКЕ, бидејќи согласно правилата, потрошувачите најпрво треба да поднесат приговор до ЕВН Хоум, а доколку не добијат задоволителен одговор, можат да се обратат до Регулаторна. За да се разгледа нивниот случај, потребно е да достават копија од приговорот до ЕВН, одговорот што го добиле и спорната сметка. Доколку и решението на РКЕ не е прифатливо, незадоволните граѓани можат да покренат управен спор.
Освен до овие институции граѓаните жалба за високи сметки за струја може да поднесат и до Организација на потрошувачи на Македонија, кои потоа повторно ќе ги препратат до овие институции.
Б.С.