Премиерот Христијан Мицкоски денес се обрати на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), каде што истакна дека процесот на пристапување кон Европската унија мора да биде заснован на заслуги, реформи и јасни критериуми, наместо на произволни одлуки.
„Ова не е услуга што се дава произволно, туку праведно признание за напорите и реформите“, порача Мицкоски, додавајќи дека неговата влада останува силно посветена на конзервативните вредности – семејството, одговорноста, економската слобода и владеењето на правото.
Пред колегите лидери на ЕПП, Мицкоски ја потенцираше важноста на европските вредности и солидарноста, но и искрено се осврна на предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон членство во Унијата.
„Нашите граѓани од прва рака ја почувствуваа тежината на двојните стандарди – стандарди што ја поткопуваат довербата и го ослабуваат европскиот дух што го застапуваме“, рече тој.
Премиерот посочи дека Македонија направила значителни жртви и реформи во стремежот кон европска интеграција, но честопати се соочува со променливи цели и дополнителни услови што се применуваат селективно.
„Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги оддалечува нашите заеднички цели“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги лидерите на ЕПП да станат двигатели на проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.
Тој истакна дека интеграцијата на регионот не е чин на добротворност, туку стратешки императив што обезбедува мир, стабилност и безбедност за цела Европа.
„Нашата колективна иднина лежи во обединето европско семејство. Македонскиот народ заслужува да види дека неговата посветеност и жртви се признаени и вреднувани“, порача Мицкоски, повикувајќи на обновена посветеност на принципите на правичност, еднаквост и меѓусебно почитување.