Пандов е мета на напад бидејќи отворено се бори против криминалот и корупцијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
603 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое најостро го осудува палењето на викендицата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов и повикува на итна и брз реакција од страна на институциите. Според партијата чиј член е Пандов, овој чин е обид за заплашување и замолчување на директорот на УИС.

-Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна, велат од најголемата владеачка партија.

Пандов вчера изрази загриженост за неговата безбедност и за последиците од неговата работа во борбата против криминалот. Тој нагласи дека запалувањето на домот е директен напад врз неговата личност и неговата работа, која е насочена кон борба против мафијата и криминалните структури. Според него, овој инцидент е “данокот” што го плаќа за напорите во освојувањето на владеењето на правото без компромиси. Тој истакна дека, и покрај овие закани, тој и неговиот тим ќе продолжат со својата работа со уште поголема решителност во борбата против криминалот и насилството.

Од МВР потврдија дека синоќа во 18:45 часот во СВР Скопје А.П. (54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд-куќа во скопско Орешени. Полицијата, како што наведуваат, презема мерки за расчистување на случајот.

Пандов неодамна на прес-конференција кажа за настан кој се случувал вечерта на 20 февруари во затворот „Штип“и завршил со кривични пријави, а чии главни актери се надворешни дилери на дрога, два затвореника, затворски полицајци и кучка по име Цеца. Пандов кажа дека до затворот било пуштено возило без да биде евидентирано. Едно од лицата кои биле во возилото, стигнало до затворскиот ѕид и преку него префрлил во дворот топка со дрога. Внатре пратката ја чекале двајца затвореници. Додека затворениците барале низ тревата, на припомош им дошле уште неколку затворски полицајци на кои им било кажано да бараат рачен часовник. Тоа им го кажал затвореник кој тврдел дека часовникот му го грабнала миленичето Цеца, кучка која живееле во затворот. Топката била најдена наредниот ден. Во неа имало камуфлирани 35 грама кокаин и околу 50 грама марихуана.

Слични содржини