Алијанса на Таравари најверојатно ќе излезе на изборите со свои кандидати за градоначалници

од Nikola Popovski
91 прегледи

Предводникот на едното крило на Алијанса на Албанците и актуелен министер за здравство, Арбен Таравари ѝ честиташе на коалицијата ВЛЕН што се спои во една партија и им посака успех. Вели дека многу се радува што трите партии од албанскиот блок се споија во една.

-Ние како Алијанса ќе излеземе со наши сопствени листи и најверојатно со наши кандидати за градоначалници. Засега немаме одлука дека не сме дел од (пратеничката група на) ВЛЕН. Ако се иницира, имаме пет наши пратеници и тие ќе продолжат како пратеничка група и ВЛЕН ќе си има своја пратеничка група, рече денеска Таравари.

Тој појасни дека е против одржување на предвремени парламентарни избори. Според Таравари, има стабилно владеачко мнозинство, без разлика дали неговата Алијанса е дел од Владата.

-Сметам дека треба да има локални избори. Битно ни е да излеземе со што подобри резултати на локалните избори и таа ни е целта – да победиме во што повеќе општини каде што можеме, додаде министерот, потенцирајќи дека деновиве ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Нема точен датум, но се во комуникација штом претседателот на Владата се врати од Шпанија.