Мицкоски во Скопје се врати со вест за економски пресврт

од Марта Пешевска
183 прегледи

На пат од Валенсија кон Скопје, премиерот Христијан Мицкоски дознал за една од најпозитивните економски вести за државата во последниот период. Во авион, како што самиот објави, добил информација дека индустриското производство во март 2025 година бележи годишен раст од 5,2% во споредба со март 2024 година.

„Ова е прв квартал по подолг период во кој индустриското производство бележи раст на квартално ниво“, истакна премиерот. Според официјалните податоци, во првиот квартал од 2025 година, индустриското производство пораснало за 2% во однос на истиот период минатата година.

Посебно охрабрувачки, според Мицкоски, е растот на преработувачката индустрија – во март 2025 таа пораснала за 4,8%, додека за целиот прв квартал растот изнесува 3,6%. На новинарско прашање што новата влада наследила при доаѓањето на власт, Мицкоски потсети дека ситуацијата во индустријата била исклучително тешка.

„Во вториот квартал од 2024 година индустриското производство опадна за 7%. Индустријата беше во длабока рецесија. Потоа следуваа два квартали на стабилизација, а сега конечно имаме раст – и тоа во услови на големи предизвици за европската економија, особено за автомобилскиот сектор“, изјави премиерот.

Заврши со порака на оптимизам: „Ова се солидни индикатори и инспирација да продолжиме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија.“