Поранешниот светски шампион со Франција од 2018 година, Пол Погба (32), кој беше надвор од фудбалските терени речиси 20 месеци, е во преговори со американскиот клуб Ди Си Јунајтед за потенцијален трансфер. Францускиот играч од средниот ред во ноември минатата година го раскина договорот со Јувентус по меѓусебна согласност. Од тогаш, најголем дел од времето го поминува во Мајами, каде се рехабилитираше и ја разгледуваше својата идна кариера.
Претседателот на Ди Си Јунајтед, Џејсон Левиен, веќе одржал неколку состаноци со менаџерот на Погба, а еднаш лично се сретнал и со самиот играч. Американскиот клуб се надева дека ќе успее да го доведе Погба, кој би бил огромно засилување за тимот од Вашингтон.
Сепак, фудбалерот кој во моментов е без клуб сè уште не донел конечна одлука. Како можни опции за продолжување на кариерата се разгледуваат останување во Европа, заминување во САД или трансфер во Саудиска Арабија. Пред два месеци се шпекулираше дека Погба може да потпише и за Интер од Мајами – клуб каде ко-сопственик е Дејвид Бекам, а главна ѕвезда е Лионел Меси.
Доколку се пресели во Ди Си Јунајтед, Погба веднаш би станал централна фигура во тимот, каде што веќе настапува и Кристијан Бентеке (34), поранешен напаѓач на Астон Вила и Ливерпул. Суспензијата на Погба поради допинг, која првично беше четири години, беше намалена по жалбена постапка, бидејќи беше утврдено дека фудбалерот не знаел дека ја користи забранетата супстанца што го стимулира растот на тестостеронот.
Суспензијата истече во март оваа година, што му овозможува повторно да се врати на фудбалските терени. Пол Погба своевремено беше најскапиот фудбалер во светот – во 2016 година, Манчестер Јунајтед плати 105 милиони евра за негов трансфер од Јувентус. Со француската репрезентација настапи на 91 натпревар, постигна 11 голови и запиша девет асистенции.