СДСМ: Владата потрошила над 30.000 евра на луксузни ресторани додека работниците бараат повисоки плати

од Марта Пешевска
66 прегледи

На денот кога работниците маршираат за повисоки плати и подобри услови за живот, СДСМ излезе со нови обвинувања за расипничко трошење јавни пари од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска изјави дека во првите четири месеци од годината, владините функционери потрошиле над 30.000 евра во луксузни скопски ресторани.

„Во држава каде што работниците едвај врзуваат крај со крај, функционери од ВМРО-ДПМНЕ расфрлаат десетици илјади евра на јадење и пиење. Сметките, кои се јавно достапни преку платформата ‘Отворени финансии’, се запрепастувачки – некои изнесуваат и по 3.000 евра“, рече Кузеска.

Според СДСМ, речиси сите министри биле вклучени во овие трошоци, а главни трошачи биле, како што ги нарече, „донови“ – Тимчо Муцунски, министерот Филков и министерот за култура Љутков. Кузеска потенцираше дека токму во период кога вработените во културата не добивале плата, министерот Љутков трошел баснословни суми во елитни ресторани.

„Секој месец, почнувајќи од јануари, владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на гозби, додека на работниците им се вели дека 400 евра се доволни за живот. Ова не е само расипништво – ова е изживување“, истакна портпаролката на СДСМ.

Кузеска го оцени однесувањето на власта како елитистичко и отуѓено од реалноста и потребите на граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ не е веќе партија на народот, туку затворен круг на луѓе кои живеат во луксуз додека народот се бори да преживее. СДСМ ќе продолжи да ја разобличува оваа власт, да ги брани граѓаните и работниците и да се бори за нивните права“, заклучи Кузеска.

Слични содржини