Месната заедница Галичник ги објави овогодинешните зет и невеста за Галичката свадба 2025 – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска. Како што информираат оттаму, Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ Галичник облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја води свадбата. Од најрана возраст тој активно учествува во сите обичаи.
-Неговата избраничка, Лилјана, веќе ја почувствувала магијата на Галичката свадба во 2022 година и ова лето ќе заигра во улогата на невеста – со срце полно љубов и почит кон традицијата.
Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма. Зетот и невестата не се само млад пар – тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и гордост.
Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник, додаваат од МЗ Галичник.
Свадбата ќе се одржи на празничниот петровденски викенд од 11 до 13 јули.
Ваквиот начин на обележување на „Галичката свадба“ првпат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија.