ЗНМ: Политичарите на позиции на моќ треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите

од Nikola Popovski
22 прегледи

ЗНМ го смета извештајот на Репортери без граници (RSF) за слобода на медиумите за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи. Потенцираат дека во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.

-Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција.

Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.

Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија, додаваат од Здружението на новинари.

ИСпоред нив, извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.

„Овие наоди, според ЗНМ, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Клучните приоритети треба да бидат:

-Усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка.

-Формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.

-Ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град.

-Воведување на правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста.

-Политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите. Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста.

ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите“, стои во соопштението.

Пад на Македонија за шест места во индексот на слобода на медиумите, покажува извештајот на „Репортери без граници“. Годинава земјава се најде на 42 место, за разлика од минатиот извештај каде што беше на 36-то место. Македонија е последна во групата земји од регионов каде што состојбата со медиумите е задоволителна.

Во оваа група од регионот сè уште, Словенија која напредувала за 9 места и е 33-та и Црна Гора која е погоре за 3 места и е 37-ма. Сите други се во групите со „проблематична“ или „тешка“ состојба.

Класификацијата на „Репортери без граници“ опфаќа 180 држави од цел свет. Норвешка е на прво место и останува единствената земја во светот која ужива „добра“ оценка за сите пет индикатори на индексот.

Слични содржини