Ана Ивановиќ, поранешната светска тенисерка број еден и една од најуспешните српски спортистки, се потсети на златните моменти од својата кариера во гостувањето во подкастот „Игуалес“. Во искрен разговор, Ивановиќ зборуваше за дилемата што би одбрала, освојување на „Гренд слем“ турнир или првото место на ВТА ранг-листата.
„Многу, многу тешко прашање, но морам да одговорам бидејќи и двете се големи достигнувања. Сепак, би го одбрала „Гренд слемот“. Иако да се биде број еден е нешто посебно и бара доследност, чувството кога ќе освоите „Гренд слем“, кога ќе го направите победничкиот поен… Нема ништо подобро од тоа“, изјави Ивановиќ.
Ивановиќ остави длабок белег во светскиот тенис, особено со титулата на „Ролан Гарос“ во 2008 година, со што влезе во историјата. Истата година играше и во финалето на „Австралија Опен“, каде беше поразена од Марија Шарапова. Година претходно, во 2007, загуби во финалето на „Ролан Гарос“ од Белгијката Жастин Енин. Заедно со Јелена Јанковиќ, Ана Ивановиќ беше симбол на српската тениска елита во втората половина на првата деценија од 21 век.
Среде шпекулациите за нејзиниот наводен развод од поранешниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер, Ивановиќ беше забележана на турнирот во Мадрид.
View this post on Instagram