Американскиот претседател Доналд Трамп повика на повторно отворање на озлогласениот затвор Алкатраз во заливот Сан Франциско за да се сместат, како што вели тој, „најсуровите и најопасните криминалци во Америка“.
„ОБНОВЕТЕ ГО И ОТВОРЕТЕ ГО АЛКАТРАЗ!“ Трамп објави на својата социјална мрежа „Truth Social“. „Кога бевме посериозна нација, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од оние на кои можеа да им наштетат.“
Алкатраз, некогаш најбезбедниот затвор во Америка, сместен на изолиран остров во Тихиот Океан, бил дом на озлогласени криминалци како Ал Капоне сè до неговото затворање во 1963 година. Денес е една од најпосетуваните туристички дестинации во Сан Франциско.
Во соопштение за медиумите, Трамп потврди дека тоа е идеја што „ја имал веќе некое време“ и решил да ја спроведе. „Алкатраз е симбол на законот и редот“, навел тој. Во своето соопштение, тој објави дека му наредил на Федералното биро за затвори (BOP), во соработка со Министерството за правда, ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност, да започне со реновирање и големо проширување на затворскиот комплекс.
Портпаролот на Федералното биро за затвори објави дека тие „ќе ги почитуваат сите наредби на претседателот“.
Алкатраз некогаш бил познат по своите речиси непробојни безбедносни услови – сурова клима, ледени води и силни морски струи што го правеле бегството речиси невозможно. Иако неколку затвореници се обиделе да избегаат, ниту едно бегство никогаш не било официјално потврдено како успешно. Пет лица сè уште се водат како „исчезнати и веројатно удавени“.
Алкатраз беше затворен поради – според официјалните податоци од Федералното биро за затвори – екстремно високи трошоци за одржување, речиси три пати повисоки од просекот за другите федерални институции, токму поради неговата островска локација.
Ненси Пелоси, поранешна претседателка на Претставничкиот дом и претставничка на демократите од Калифорнија, исто така го коментираше соопштението, велејќи дека предлогот на американскиот претседател „не е сериозен“. Алкатраз беше затворен како федерален затвор пред повеќе од 60 години. Денес е многу популарен национален парк и важна туристичка атракција.
„Предлогот на претседателот не може да се сфати сериозно“, објави Пелоси на платформата „X“.