Трговците во најголемите инвестициски банки во Европа го забележаа својот најдобар резултат во последната деценија во првиот квартал од оваа година, благодарение на интензивното тргување предизвикано од царинските потези на американскиот претседател Доналд Трамп.
Швајцарската UBS, француските банки BNP Paribas и Societe Generale, британската Barclays и германската Deutsche Bank заедно остварија приход од 13 милијарди евра од тргување со акции и обврзници. Ова е нивниот највисок заеднички приход од 2015 година, објавува „Фајненшл тајмс“.
Откако пристигна во Белата куќа во јануари, неизвесните економски политики на Трамп предизвикаа големи флуктуации во вредноста на акциите, обврзниците и девизниот пазар.
„Нестабилноста на пазарот во голема мера ги поддржува банкарските операции во тој сегмент, како што беше случајот и со нас“, рече извршниот директор на Societe Generale, Славомир Крупа.
Во првиот квартал, приходите од тргување на UBS пораснаа за речиси една третина на годишно ниво, достигнувајќи 2,3 милијарди евра. Најголемата француска банка BNP Paribas забележа рекордни квартални приходи од 2,8 милијарди евра.
Deutsche Bank повеќе не тргува со акции, но нејзините приходи од тргување со обврзници, валути и стоки се зголемија за 17 проценти, додека растот на Barclays беше 21 процент. Во овој сегмент, тие ги надминаа американските конкуренти.
Societe Generale беше претежно фокусирана на тргување со акции, каде што нејзините приходи се зголемија за повеќе од една петтина на 1,06 милијарди евра.
По долг период на слаби приноси и дивиденди за акционерите, европските банки доживуваат бизнис бум во последните месеци благодарение на повисоките каматни стапки и нестабилноста на пазарот што трае од пандемијата, а потоа и од енергетската криза.
До овој квартал, рекордниот период за заработка од тргување во претходните десет години беше првиот квартал од 2022 година, кога вкупната добивка на гореспоменатите банки изнесуваше 12,8 милијарди евра, објавува SEEbiz.
Многу значаен играч во овој сегмент од банкарското работење беше Credit Suisse.
Извршниот директор на UBS, Серџо Ермоти, изјави дека на почетокот на вториот квартал, откако Трамп објави реципрочни тарифи, пазарната активност останала висока, при што обемот на тргување во некои денови ги надминал врвовите на пандемијата за 30%.
Аналитичарот на „Ситигруп“, Ендру Кумбс, смета дека се очекуваат добри заработки и во вториот квартал. Сепак, тој предупредува на изјавата на Ермоти дека веќе се чувствува одреден степен на замор кај инвеститорите, што укажува на постепена нормализација на движењата на пазарот.