Започнува судењето против Васил кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“

од Nikola Popovski
45 прегледи

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да почне судењето против Васил Јованов, осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката од јануари годинава на Булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова. Случајот ќе го води судијката Снежана Марковска.

Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.

-Согласно доказите, на 29 јануари 15 минути пред полноќ, обвинетиот без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило ‘пежо 207’ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили во крвта, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот ‘Партизански одреди’ и улицата ‘29-ти Ноември’, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и на зелено светло за пешаци, го опиша Обвинителството ова дело во обвинението.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

„Не умираме од несреќи, умираме од корупција“ – оваа порака беше централна на протестите организирани по трагичната смрт на Фросина. Досега беа одржани неколку во Скопје, а собири имаше и во Неготино – родниот град на Фросина Кулакова и во Кавадарци.

Граѓанското движење „Кој е следен?“ беше формирано по несреќата, како реакција на системското нефункционирање кое бара: итна акција за создавање безбедни градови; одговорни институции и крај на толерирањето и глорификацијата на девијантното однесување на улиците.

За кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е предвидена затворска казна до 20 години.

Слични содржини