Уште колку убиства се потребни за Тошковски да сфати дека не може да ја води МВР како институција, прашуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
230 прегледи

СДСМ оценува дека безбедноста во државата е целосно нарушена. Ова следува по синоќешното убиство во центарот на Штип при што загина еден турски државјанин.

-Имаме убиства речиси секоја недела, и тоа пред очите на граѓаните, во најцентралните делови на градовите и маалата. Убиството во Штип е само последно во низата убиства што се случуваат јавно, пред сведоци. Луѓето стравуваат за својата безбедност кога ќе излезат во кафе-бар или ресторан посочуваат од СДСМ и потсетуваат:

За само 10 месеци, во Скопје имаше неколку убиства – во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Значително е зголемен бројот на разбојништва и кражби, сè почесто има престрелки со огнено оружје, а во два наврати беа фрлени и бомби во дворови на граѓани. Убиствата се случуваат дури и во полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар.

Овие податоци, велат од СДСМ јасно укажуваат дека МВР и министерот Тошковски ја немаат состојбата под контрола. Оттаму прашуваат уште колку убиства се потребни за тој да сфати дека не може да ја води МВР како институција.

Од Левица, пак соопштија дека додека „премиерот Христијан Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле“.

-До Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје! Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице. Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки, велат од Левица.

Вчера во 21.25 часот во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал. По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција за кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото- соопштуваат од МВР.

Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.

Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Слични содржини