ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори како дошол до златна виза

од Nikola Popovski
86 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче молчи за потеклото на златната виза за Дубаи, која може да се добие само преку инвестиции. Посочуваат дека 3 месеци ја лаже македонската јавност, односно како што велат, прво велеше дека нема виза, па потоа призна дека има.

– Македонската јавност заслужува одговори. Филипче мора да одговори на тоа од каде му е нему златна виза и како дошол до неа? Дали има приватен бизнис кој го крие од јавноста? Дали можеби Филипче има удел во бизнисот на Заев за градење 50 катница во Дубаи, прашуваат од партијата на Христијан Мицкоски, барајќи од Филипче да каже со која болница во Дубаи преговарал за да добие виза.

Претседателот на СДСМ во поткастот „Политиканти“ призна дека има златна визa за Дубаи. Тој вели дека „не е поврзана со никаква форма на инвестиции“.

-Пред да се кандидирам за претседател на СДСМ и претходно за пратеник бев во преговори за работа со една болница во Дубаи и добро напредуваа преговорите. Меѓутоа откако станав претседател на партијата тие преговори останаа на стенд-бај, тоа е и причината зошто имам виза за Дубаи, рече Филипче. На прашањето зошто ова не го кажал порано, вели дека мисли дека треба сите да се обидат нивото на политичка дискусија, дебата и култура да се промени.

На 25-ти април, претседателот на СДСМ рече дека нема виза која што е поврзана со инвестиции или со недвижности.

-Немам илјадници евра, немам сметки…Немам виза која што е поврзана со милиони, авиони, камиони, кажа Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека има само „виза која што му овозможува да патува“.

Во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ упорно го прашуваше лидерот на СДСМ и неговиот претходник, Зоран Заев да кажат дали поседуваат „златни визи за Дубаи и колку милиони им се трансакциите во Дубаи“.

Слични содржини