Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри кој бил најтешкиот момент во неговиот живот. Како што кажа тој на Самитот 2025 во организација на „Македонија 2025“, тоа е 16-ти март односно денот кога се случи големата трагедија во кочанската дискотека „Пулс“ кога починаа 62 лица. Вели дека тоа утро бил разбуден од член на обезбедувањето на министерот Панче Тошковски.
-Се сеќавам дека тоа утро беше околу 3:30 часот кога човек затропа на вратата од мојот дом. Кога отворив тоа беше еден од луѓето на обезбедувањето на министерот за внатрешни работи. Бидејќи не го гледав телефонот, нормално во тоа време логично е да спиете и потоа кога го погледнав, ја видов пораката. Веднаш се соземав, ги повикав луѓето од мојот тим за да се упатиме во Кочани. Таму веќе беше министерот за внатрешни работи, по што бевме во полициската станица. Тоа беше можеби најтешкиот ден во мојот живот, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека најтешки биле одлуките кога доаѓала понуда за помош од секаде, а особено од регионот.
-Знаете ние, за жал немаме немаме брилијантни односи со дел од соседите, особено со еден, и тогаш кога треба да носите одлука, треба да водите сметка за последиците кои може да се случат. Од друга страна, медицинските лица ви велат дека тешки повредени пациенти во таква состојба не се за транспортирање. Ми рекоа дека опцијата е ние да ги негуваме и дека ќе имаме многу жртви скоро од денеска. Првите 72 часа се најкритични. Тогаш размислив и за неколку секунди ја прифатив помошта од соседите, за веднаш да ги транспортираме. Еден од нив ми рече дека е на моја одговорност и се согласив. Така првите 50 пациенти беа транспортирани, а потоа помошта почна да стигнува и од другите земји, кажа Мицкоски на настанот кој се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје.