Васил Јованов ќе ја слушне пресудата за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова

од Nikola Popovski
231 прегледи

Денеска во Основниот кривичен суд – Скопје треба да биде изречена пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова, откако на судењето што почна на 9 овој месец обвинетиот Васил Јованов призна вина за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На минатото рочиште Васил се извини и изрази сочувство до семејството на Фросина.

-Имам голема грижа на совест и тоа што го направив ќе ме прогонува до крајот на животот, рече обвинетиот. Неговиот адвокат побара пониска казна, затоа што бил редовен студент и наградуван спортист и како што рече, многу се кае за стореното.

-Возел цик-цак, без дозвола, пијан, пред црвеното светло на семафорот не застанал и го уби нашето девојче – рече мајката на Фросина која побара најстрога казна.

Адвокатот Сашко Дуковски пред медиумите изјави дека излегле на површина сите невистини за, како што рече, обвинувањата дека неговиот клиент бил криминалец, наркоман, убиец, ѓавол, дека возел со 170 км на час, дека избегал, па не дошол 3 часа на лице место…

Според Дуковски, како што вели, родителите на загинатата Фросина, во текот на рочиштето при читањето на исказите, читале од нивните мобилни телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори и така посочува дека тие настапуваат од првиот ден.

-Сакам да имате во предвид еден многу битен факт: се работи за 20-годишно дете кое категорично ја призна својата вина. Ова не е првата ниту последна сообраќајка во Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е особа со интегритет и дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се сноси со сите последици. Да оставиме институциите да си ги донесат пресудите врз основа на законот, а не начелото „око за око, заб за заб“. Смрта последица е страшна работа, но треба да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната, рече Дуковски во петокот.

На Јованов му се суди за „тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот“ за што е предвидена казна затвор до 20 години. Сообраќајната несреќа се случи на булеварот „Партизански одреди“ пред полноќ на 29 јануари годинава.

Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој тој му дозволувал на својот син да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека нема возачка дозвола и е сторител на сообраќајни деликти.

Слични содржини