По пресудата за Васил Јованов, со став излезе и сестрата на Фросина, Росица Кулакова. Според неа, 12-годишната затворска казна е само уште еден триумф на, како што вели, праксата на неказнивост што ја негува нашето труло судство.
-12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин на зелено. 12 години за искршен череп, распарчено срце и уништена иднина. Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на цело наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртвите завршуваат во правни архиви, порача Росица.
Таа праша кои се олеснителните околности поради кои Васил не ја доби максималната казна од 20 години.
-Дека не побегнал? Дека вриштел врз мртвото тело на сестра ми за последиците кои нејзината смрт ќе ги има на неговиот мизерен живот? Дека е „спортист“? Дека е жив? А Фросина? Фросина немаше ни една олеснителна околност. Фросина сега има само гроб. Овој суд не донесе правда. Донесе јасна порака: во оваа земја, убиството се исплаќа, оценува Кулакова.
Сестрата на покојната Фросина најави дека нема да молчат и дека ќе организираат протести против ваквата пресуда.
-Се гледаме утре во 17.00ч пред Универзална Сала – на местото каде што на монструозен начин и беше одземен животот на Фросина по што ќе се упатиме кон судот кој денес, по втор пат ја уби. Нека нашите чекори одекнат во име на правдата. Денес за Фросина, а утре и за сите останати потенцијални жртви на корумпираниот систем на неказнивоста, стои во апелот на Росица.
Во изјава за медиумите по пресудата, се огласи и таткото на Фросина, Тодор Кулаков. Кажа дека добил впечаток во судницата како родителите на Васил биле „тотално релаксирани“. Смета дека однапред ја знаеле казната за нивниот син.
-Дали они ја знаеја казната за разлика од претходното рочиште кога беа вкочанети? Затоа во држава во која дилерите на дрога и немилосрдните убијци се прогласуваат за светци, спортисти и посветени студенти, според зборовите на одбраната, а беше прифатено од судијата, таква е и срамна пресудата. Убиецот Васо и останатите тројца во автомобилот се светци, а загубата на животот на Фросинче е едноставно е небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност според законите на оваа држава, рече Кулаков во изјава пред Основниот кривичен суд-Скопје.
Во изјава што ја читаше од мобилниот телефон, таткото на Фросина порача дека „никој не обрнал внимание на повеќето сведоци кои биле прикриени и должни да одговараат пред законот за уништување на клучни докази, како совозачот Лорен кој додека се возеле, снимал со неговиот телефон и потоа таа снимка ја избришал“. Тодор смета дека од снимката многу работи ќе беа откриени.
Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години. односи. Во судската сала, беа присутни родителите на загинатата Фросина Кулакова, како и родителите на Васил Јованов.
На првото рочиште, Јованов призна вина и се извини на семејството на Фросина.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.
Пресудата е неправосилна и Јованов има право на жалба.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривичното дело Предизвикување општа опасност, бидејќи му дозволувал на синот да управува возило без возачка дозвола.