Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека нема информација за големо поскапување на производите по завршувањето на мерката за ограничени маржи. Ова следува откако граѓаните се жалат дека голем дел од производите се зголемени, а некои од основните прехранбени и драстично се покачени.
-Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена и ми покажа бројки. Немам информација дека тоа се случува, но доколку се случи на крајот на месецот, автоматски ќе бидат применети мерки кои ќе траат до крајот на годината. Такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови дека преку прокси-правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на „маркетинг и пр-услуги“, а со тоа практично ќе се плаќа маржата од минатото. Вознемирени сме од тоа што го слушаме и не е добро. На тој начин не можеме да градиме партнерски однос, истакна Мицкоски при поставување на камен темелник на спортска сала во Општина Аеродром.
Шефот на Владата сподели со јавноста и дека очекува до крајот на месецот да излезе пред членовите на ИК на неговата партија, со предлози за кандидати за градоначалници, во пресрет на локалните избори. На синоќешниот состанок во ВМРО-ДПМНЕ добил и дозвола да номинира нови имиња на министрите, кои како што вели, одлучиле да одат во прегратките на ДУИ и Али Ахмети.
Премиерот истакна дека многу работи ќе бидат појасни во периодот што следи. Очекува во текот на следната недела да се знае повеќе околу новите кадровски имиња во Владата.
Мицкоски не откри дали функционерите кои доаѓаат од крилото на АА предводено од Арбен Таравари ќе бидат разрешени или самите ќе поднесат оставки.