Легендарниот Крос совршено објасни зошто Реал доживеа незапаметен крах оваа сезона

од Марта Пешевска
829 прегледи

Германскиот фудбалски ас Тони Крос, кој со години беше столб на средниот ред на Реал Мадрид, се огласи со искрен коментар за тешката сезона на неговиот поранешен клуб. Крос, кој четири пати ја освои Ла Лига и пет пати Лигата на шампионите со „кралскиот клуб“, смета дека неговото заминување оставило голема празнина.

„Сезоната без трофеи и исполнета со конфликти и драми покажа колку беше тешко да се надомести моето отсуство,“ рече Крос.

Последниот удар за Реал беше поразот во Ел Класико, каде и покрај водството од 2-0, Барселона на крајот победи со 4-2. Со овој пораз, шансите за освојување на титулата станаа речиси невозможни.

„Иако водевме со 2-0, не чувствував дека е готово. Искрено, мислев дека тој резултат беше предобар за да биде вистинит,“ изјави Крос. „Барселона импресионира со тоа што продолжува да игра како ништо да не се случило. Немаат страв. Од друга страна, кај Реал се почувствува несигурност. Немаше самодоверба, немаше борбен дух.“

Крос го анализираше и составот: „Реал ја загуби речиси целата одбрана. Не можете да играте како голем тим ако немате вистински дефанзивци. Многу противници вршеа голем притисок, и тоа беше тешко за нас.“

Сезоната, според него, била исцрпувачка: „Играчите мораа постојано да играат, без одмор. Загубивме натпревари што порано сигурно ќе ги добиевме. А кога не оди, во клуб како Реал тоа се чувствува многу повеќе“.

Сепак, Тони Крос останува оптимист: „Двомечот со Манчестер Сити можеше да биде пресвртница, но не донесе вистинско закрепнување. Вакви сезони се случуваат, како во 2019. Ако клубот донесе вистински одлуки ова лето, сигурен сум – Реал ќе се врати таму каде што припаѓа: на врвот.“

Со зборовите на Крос, уште еднаш се потврдува колку значаен бил за тимот – не само на теренот, туку и надвор од него.