Семејството на Фросина бара Судскиот совет да покрене дисциплинска постапка за судијката

од Марта Пешевска
85 прегледи

Семејството на Фросина Кулакова денес протестираше од Универзална сала до Основниот кривичен суд во Скопје, изразувајќи револт поради 12-годишната затворска казна за возачот кој ја усмрти нивната ќерка во јануари годинава. Бараат максимална казна од 20 години и дисциплинска постапка против судијката Снежана Марковска, која ја донесе пресудата.

„Возачот бил пијан, без дозвола, удри на пешачки премин со црвено светло. Тоа не е за 12 години, туку за највисока казна“, рече нејзиниот татко Тодор Кулаков. Тој побара и судијката да биде суспендирана додека трае истрагата за евентуална пристрасност и непрофесионалност.

Семејствата побараа од Судскиот совет јавно да одговори дали судењето било согласно закон и зошто не се земени предвид сите отежнителни околности. Исто така, предложија измени во Кривичниот законик со ново дело за „тешко дело со крајна небрежност и смртна последица“ со минимум 15 години затвор и создавање регистар за опасни сторители.

На протестот се приклучија и други семејства кои изгубиле блиски во слични несреќи. Билјана Радуловиќ, мајка на Алек, кој загина во 2021, рече дека три години чека правда и се соочува со корумпирани вештачења. Сестрата на Теодора Ристовска побара одговорност и за јавната обвинителка која побарала намалување на казната за сторителот што ја усмртил нејзината сестра.

Протестот ја отвори дебатата за недовербата во правосудниот систем и барањето за посериозен однос кон сообраќајните несреќи со смртни последици.