Белградска фирма на мета на ЕУ поради трговија со Русија

од Љубиша Владимиров
57 прегледи

Европската унија подготвува нов, 17-ти по ред пакет санкции против Русија, а меѓу метите се наоѓа и една српска компанија – „Спрокур“ од Белград. Како што дознава телевизијата N1, оваа компанија од јануари 2024 година е во целосна сопственост на турскиот државјанин Ердал Илхан, кој воедно е и директор на фирмата. Иако според официјалните податоци, „Спрокур“ има само еден вработен, во 2023 година остварила приходи од над 1,4 милиони евра.

Компанијата беше основана во август 2022 година на улицата Шејкина во Белград, на истата улица каде што се наоѓаат неколку организации поврзани со движења „за народот и државата“. Во јануари 2024 година, по промената на сопственоста, седиштето на компанијата е преместено на улицата Љубана Једнак број 1. Иако според регистрираната дејност, „Спрокур“ се занимава со посредување при продажба на разни производи, новинарски истражувања укажуваат на нешто многу посериозно.

Каква е врската со Русија?

Според руската истражувачка платформа “Руски Инсајдер”, српската фирма „Спрокур“ е инволвирана во испорака на авионски делови за руски олигарси, вклучувајќи и делови за приватните авиони што ги користат луѓе како Вагит Алекперов – поранешен претседател на „Лукоил“.

Порталот пишува дека, иако Алекперов формално се повлекол од функцијата за да избегне санкции, тој и понатаму користи корпоративен авион на „Лукоил“. Во 2023 година, преку „Лукоил Авиа“, биле набавени делови за авиони, вклучувајќи вентил произведен во Франција, гуми од САД, како и светла за патници – сите преку белградската компанија „Спрокур“.

Потврда и од РСЕ

Радио Слободна Европа (РСЕ) исто така во своето истражување потврдува дека „Спрокур“ извезувала авионска опрема и делови преку различни посреднички компании, најмногу кон руската фирма „Крас Логистик“. Целта на санкциите, како што нагласува РСЕ, е да се оневозможи Русија да ги користи западно произведените авиони, од кои три четвртини се направени во САД, ЕУ или Канада. На официјалната веб-страница на „Спрокур“ стои дека компанијата е меѓународен дистрибутер на делови за авио-индустријата, со амбиции да понуди и логистички и шпедитерски услуги.

Извоз и увоз со сомнителни вредности

Иако „Спрокур“ има забележително висок извоз, особено во 2023 година (над 1,8 милиони евра), официјалните податоци за увоз се речиси симболични – помалку од 3.000 евра во 2023 година, претежно од Турција и Киргистан. За 2024 година, извезени се производи во вредност од околу 135.000 евра. Компанијата не учествувала во јавни набавки во Србија, а нејзините најголеми партнери се во Кина, Турција, Јужна Африка и САД.

Србија и санкциите

Со ставањето на „Спрокур“ на листата на санкционирани компании, таа ќе се придружи на уште три српски фирми кои веќе се под санкции на ЕУ: Conex d.o.o. Белград, Коминвекс Белград и Соха инфо д.о.о. Нови Бановци. Очекувањата се дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе го одобрат новиот пакет санкции на состанокот во Брисел, на 20 мај 2025 година.

Слични содржини