Зеленски: Ердоган го призна Крим како дел од Украина

од Марта Пешевска
109 прегледи

Во обид да се постигне прекин на огнот и трајно решение на конфликтот, денеска во Истанбул започнаа мировните преговори меѓу Украина и Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, каде што доби потврда за турската поддршка на територијалниот интегритет на Украина, вклучувајќи го и Крим.

„Тоа е важен сигнал и знак за политичка поддршка“, изјави Зеленски, нагласувајќи дека Крим останува составен дел од Украина. Тој истакна дека не може да има разговори за територијални отстапки.

Украинската делегација во Истанбул ја предводи министерот за одбрана Рустем Умеров, заедно со високи воени и разузнавачки претставници. Зеленски нагласи дека не испратил целосна делегација, бидејќи Москва испратила преговарачи од „понизок ранг“, што според него ја покажува несериозноста на Русија за вистински дијалог.

Од руската страна, делегацијата е предводена од советникот на Путин, Владимир Медински, и вклучува високи претставници од Министерството за одбрана и надворешни работи. Москва изјави дека е подготвена за „сериозна работа“, и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин не присуствува лично на преговорите. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Путин нема планови да патува во Турција.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во моментов е на турнеја низ Блискиот Исток, изјави дека „ништо нема да се случи“ додека тој лично не се сретне со Путин. Тој додаде дека Путин се воздржал од учество во преговорите во очекување на негово присуство.

Зеленски изрази сомнеж во искреноста на руската страна и најави дека идните чекори на Украина ќе зависат од исходот на преговорите. „Ако руската делегација не покаже сериозност, тоа ќе биде јасен знак дека овие разговори се само претстава“, рече тој.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека има надеж за мирно решение и додаде дека пристигнувањето на делегациите во Истанбул покажува „волја за дијалог“.

Од Британската страна, премиерот Кир Стармер изјави дека отсуството на Путин е доказ за одолговлекување и ја повика Русија да покаже политичка волја за прекин на војната.

Преговорите во Истанбул продолжуваат попладнево, но останува нејасно дали ќе се постигне конкретен напредок.

Слични содржини