Познатата италијанска водителка Дилета Леота се најде во центарот на јавноста поради контроверзна реклама за брендот на работни обувки U-Power, која предизвика бурни реакции и беше наредено нејзино повлекување од телевизискиот етер.
Рекламата, која беше пуштена во март оваа година, започнува со сцена каде момче со воодушевување гледа кон жена во мини здолниште, со отворена уста и широко отворени очи. Потоа се појавува водител, кој зборува за обувките, додека на крајот е прикажан маж како ги триe чевлите од неговото лице. Видеото предизвика бројни реакции, особено поради тоа што се смета дека содржи елементи на сексуализација на дете.
Според Италијанскиот институт за саморегулација на рекламирањето, на 9 мај е донесена одлука дека рекламата го прекршува Член 11 од Етичкиот кодекс, кој строго забранува содржина што прикажува деца или лица што личат на деца во сексуализиран контекст. Поради тоа, беше наложено веднаш да се повлече рекламата од телевизија. Иако рекламата е веќе отстранета од италијанските ТВ-канали, таа сè уште може да се најде на платформата YouTube.
Основачот на компанијата U-Power, Франко Уцени, изјави дека не гледа ништо спорно во рекламата. „Злобата е во очите на набљудувачот. Но, барем знаеме дека нашата реклама привлече внимание и донесе резултати – продажбата значително се зголеми“, изјави Уцени.
По скандалот, компанијата изработи нова верзија на рекламата, овојпат со помош на вештачка интелигенција. Во новото видео, наместо жена во провокативна облека, на сцената се појавува магионичар кој вади зајак од шапка пред воодушевено момче. Со оваа нова реклама, U-Power се обидува да ја смири јавноста и да продолжи со промоција на брендот, но скандалот со Дилета Леота и понатаму останува тема на дискусија во медиумите и на социјалните мрежи.