Не сакам да верувам дека е можно македонски премиер да прифати Договор кој содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија, вели поранешниот амбасадор, Андреј Жерновски откако во јавноста се појавија шпекулации дека Македонија е меѓу земјите каде Велика Британија планира да ги префрли одбиените азиланти по Договорот за стратешко партнерство.
Сепак, фактите велат дека откако албанскиот премиер Рама го одбил предлогот на неговиот британски колега Стармер, додава Жерновски, Британија бара нова земја на Балканот во која би ги префрлила имигрантите што не добиле азил.
-Британски весници веќе ја спомнуваат Македонија како наредната дестинација каде ќе бидат сместени депортираните азиланти, а официјален Лондон вчера потврди дека македонската влада се согласила, цитирам, да се приклучи кон Заедничката работна група за миграција, формира работна група за миграција. Сѐ уште се надевам дека сето ова не е вистина, но после објавата на официјалната страна на Владата не Обединатото Кралство, како и текстот во реномираниот “Телеграф”, расте загриженоста и револтот, оценува екс-амбасадорот и поранешен градоначалник.
„Ако е тоа точно, тогаш сакам да им порачам дека според реакцијата на, со право разгневените граѓани, мене ми изгледа дека први кои ќе бидат сместени во тие кампови ќе бидат токму премиерот и неговите министри“, додаде Жерновски во својата објава.
Британскиот амбасадор во државава Метју Лосон ги демантираше информациите дека со Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото кралство во земјата ќе се градат кампови за мигранти. Тој го изјави ова на денешната прес-конференција во Владата.
-Не се работи за тоа, дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнертство, Има многу шпекулации во британските медиуми. Овој договор предвидува соработка во сузбивањето со мигрантските групи овде и во регионот, соработка на полициите, споделување на доверливи информации. Суштината на договорот е економијата, објасни амбасадорот.
ВМРО-ДПМНЕ вчера негираше дека во договорот има формирање на кампови.
-Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои. Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски за Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.