Романскиот претседателски кандидат и лидер на националистичката партија Алијанса за обединување на Романците, Георге Симион, бил одведен од полицијата од гласачко место во Могошоаја (предградие на Букурешт). Симион, заедно со фаворитот на минатогодишните поништени избори, Калин Ѓорѓеску, имале намера да дадат изјава за медиумите на гласачкото место веднаш по гласањето, но еден полицаец ги замоли да си заминат.
„Она што го направивте е погрешно“, му рекол Симион на полицаецот.
Полицискиот службеник ги информирал политичарите дека јавните настапи се забранети на гласачките места, по што биле принудени да излезат во ходникот на училиштето, каде што се наоѓало гласачкото место.
Откако го напуштија гласачкото место, Ѓорѓеску им рекол на новинарите дека гласал „за христијанска Романија“ и „семејни вредности“.
Симион порачал дека гласале „за нашата иднина да ја одлучуваат само Романците, за Романците и за Романија“ и додаде дека гласал „против неправдите извршени врз романскиот народ и против злоупотребите и сиромаштијата“.
Романија денеска одржува втор круг претседателски избори, на кои Симион би можел да биде избран за претседател.