Поранешниот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, е новиот претседател на Романија, откако како независен кандидат го победи десничарот Георге Симион во вториот круг од изборите.
Според Романската Федерална изборна комисија, врз основа на 100 проценти од преброените гласови, центристот Дан освои 53,60 проценти од гласовите во вториот круг од претседателските избори, додека евроскептикот Симион освои 46,40 проценти, објави „Аѓерпрес“.
Илјадници Романци излегоа на улиците во центарот на Букурешт откако излезните анкети покажаа дека Дан е победник на претседателските избори.
Сообраќајот во центарот на Букурешт беше блокиран, а Дан се спушти меѓу толпата собрана во центарот на романската престолнина и ги поздрави поддржувачите кои го скандираа неговото име.
„Тоа е ваша победа, да знаете. Она што го направивте, како општество, беше извонредно“, рекол новиот претседател. Тој исто така испратил порака до оние кои не гласаа за него.
„Почит кон оние кои имаа друга опција“, истакнал тој.
Дан рече дека Романците мора да ја градат својата земја заедно, без оглед на политичките опции, заедно со Романците во Романија и Романците во дијаспората.
Дан изјави дека сака да формира коалиција од четири проевропски партии кои би ја поддржале идната влада. Според него, коалицијата во парламентот треба да ја формираат проевропските сили – ПСД, ПНЛ, УДМР и партијата Алијанса за спас на Романија.
Тој претходно ги поздрави собраните во центарот на градот од балконот на Градското собрание, држејќи го знамето на Европската Унија во рацете, велејќи дека заедницата што сака „длабоки“ промени во Романија победила.
„Задачата на сите нас е да се бориме за една Романија, а не за поделена земја. Живееме момент на надеж. Но, ве молам да бидете трпеливи во периодот што претстои. Пред нас е тежок период, неопходен за стабилизирање на економијата и поставување на темелите на здраво општество“, нагласи Дан.
Десничарскиот кандидат Георге Симион го призна поразот во вториот круг од претседателските избори во Романија и му ја честиташе победата на Дан.
„Би сакал да му честитам на мојот противник, Никушор Дан, кој победи на изборите. Тоа беше волја на романскиот народ“, рече Симион во видео порака објавена на социјалните мрежи. Тој им се заблагодари на повеќе од петте милиони Романци кои гласаа за него и рече дека нема да ги разочара.
„Нема ништо поскапоцено за мене од нивната доверба. Бевме сами против целиот систем, сами против сите. Горд сум на вас и се надевам дека ве претставував чесно“, рече Симион, пренесе „Медиафакс“.
Тој им рече на своите гласачи дека е време да се продолжи со заедничката борба „за правда, за вистина, за природно семејство, за христијанска вера и за слобода“.
„Ќе продолжиме да бидеме важен и значаен дел од романското општество. Ве молам секој од вас да не се откажува. Ќе одиме до крај, дури и ако е тешко да се почувствува овој горчлив вкус на поразот. Романија и романскиот народ мора да бидат на прво место“, кажа Симион.