НБА сезоната за Никола Јокиќ заврши со пораз во седмиот натпревар од полуфиналето на Западната конференција против Оклахома. По натпреварот, српскиот центар зборуваше за потенцијалот да настапи за репрезентацијата на следниот Евробаскет.
„Морам да одлучам. Евробаскетот ќе се игра. Морам да разговарам со тренерите и важните играчи во тимот, па ќе видиме. Но, засега, во следните неколку дена веројатно ќе има многу пиво“, рече Јокиќ како одговор на новинарско прашање.
Српскиот центар подвлече дека играњето за репрезентацијата на Олимписките игри во Париз го направило уште подобар играч:
„Мислам дека ОИ ме направија подобар. Играњето за националниот тим со различни правила, со различни играчи…“.
Јокиќ ќе има доволно време да се одмори, а потоа да донесе одлука.
Европското првенство започнува на 27 август и ќе трае до 14 септември. Ќе се игра во четири земји – Кипар, Финска, Полска и Летонија.