Дали Јокиќ ќе мора да бара нов тим? Финансискиот притисок врз Денвер расте

од Љубиша Владимиров
291 прегледи

Кошаркарскиот тим на Денвер Нагетс го доживеа крајот на турбулентната сезона со пораз во полуфиналето на Западната конференција од Оклахома Сити. И покрај тоа што во текот на сезоната ги сменија тренерите и генералните менаџери, Никола Јокиќ и понатаму беше главниот мотор на тимот. Но, еден играч, без разлика колку е добар, не може сам да донесе шампионска титула, дури ни во НБА. Главното прашање што се наметнува оваа сезона е – каде е поддршката за Јокиќ?

Мајкл Портер Џуниор и Џамал Мареј имаат максимални договори, вредни по околу 35 милиони долари годишно, додека Арон Гордон заработува околу 22 милиони. Но, проблемот е што остатокот од тимот има ужасни договори кои го оптоваруваат буџетот на клубот.  На пример, Зак Наги добива речиси 9 милиони долари, а поголемиот дел од другите играчи имаат плати од три милиони или помалку.

Во таа група е и Кристијан Браун, кој се покажа како најпријатно изненадување во плејофот и сигурно ќе бара зголемување на платата. Токму тука се јавува големиот проблем. Денвер е сериозно ограничен од лимитот на плати – скоро сите пари одат кај Јокиќ, Мареј, Портер и Гордон. Ако сакаат да го задржат Браун, ќе мора драстично да му ја зголемат платата, односно од околу 3 милиони на околу 30 милиони долари годишно.

Експертот Боби Маркс од ESPN верува дека тоа е реална бројка, бидејќи Браун е играч кој значително го подобри својот учинок оваа сезона, играше во сите 82 натпревари и беше стартер на 77 од нив. Но, што е стратегијата на Денвер? Тимот јавно изјави дека Портер и Мареј се „недопирливи“ за размена, иако нивниот придонес во однос на платите е слабо одразен во однос на статистиката. Прашањето е кој тим би прифатил такви скапи и неефикасни договори.

И покрај тоа што Браун е одличен играч, дали Денвер треба да му плаќа 30 милиони долари? Тоа е дискутабилно. На Јокиќ му е неопходен барем уште еден играч од шампионски калибар за да има реални шанси за титула. Ако Браун добие висока плата, опциите за Денвер се многу ограничени. Веројатно е време Јокиќ да почне да размислува за нови опции. Има 30 години и јасна цел – да освои повеќе шампионски прстени. Дали ќе има трпение за нови шанси во Денвер или ќе побара нов тим – времето ќе покаже.

Слични содржини