Божиновска од Брисел: Македонија чекори кон европскиот енергетски пазар

од Љубиша Владимиров
103 прегледи

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на Форумот за интеграција на пазарот на електрична енергија (ЕМИФ) во Брисел порача дека Европската Унија гледа со оптимизам кон земјите од Западен Балкан и нивната интеграција во европскиот енергетски систем.

„Интеграцијата на македонскиот пазар на електрична енергија во Единствениот европски пазар е од стратешко значење – тоа носи подобра сигурност на снабдување, пониски цени и економска стабилност“, истакна министерката.

Таа потсети дека процесот започнал уште во 2017 година со регионални договори за поврзување со Албанија, Грција, Косово и Бугарија, а сега се работи на усогласување со законодавството на ЕУ и на реализација на планот за пазарно поврзување.

Минатата недела, македонското Собрание го усвои новиот Закон за енергетика, кој поставува основа за модерен и чист енергетски систем. Со него се отвора патот за повеќе обновливи извори, намалени загуби, отворен пазар и поголема улога за граѓаните – и како производители и како потрошувачи на енергија.

Божиновска нагласи дека поврзувањето со европскиот пазар може да ја заштити македонската економија од негативните последици на механизмот за јаглеродни такси на ЕУ (CBAM), но и да донесе политички и економски придобивки.

Иако првичниот рок беше до 2026 година, реално е пазарното поврзување да се очекува меѓу крајот на 2026 и почетокот на 2027 година. Таа апелираше до ЕУ за забрзување на процесот и истакна дека само преку заедничка работа може да се создаде стабилен европски енергетски систем.

На форумот присуствуваа претставници на енергетски берзи, регулатори, европратеници и претставници на Европската комисија. Форумот го организираа АДЕКС – првата регионална енергетска берза, Европекс и Европската народна партија.

Пред форумот, Божиновска оствари средба и со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Герт Јан Копман, кој го поздрави напредокот на земјава, особено во делот на интерконекторите со Грција и Албанија и потврди поддршка од ЕУ во натамошниот процес.

Слични содржини