Колкав е ризикот за епидемија и како се пренесува? Д-р Даниловски со детали за мајмунските сипаници

од Nikola Popovski
272 прегледи

Епидемиологот и професор, Драган Даниловски излезе со свој став откако во земјава беа потврдените првите два случаи на мајмунски сипаници. Тој сподели со јавноста повеќе детали и корисни информации околу болеста.

-Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото.

Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации, истакнува Даниловски.

Според него, болеста се пренесува преку директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице, близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос, контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор и респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.

Важно е, потенцира д-р Даниловски дека болеста не се пренесува лесно туку потребен е близок, продолжен контакт.

„Ризик за епидемија? МНОГУ НИЗОК. Состојбата се следи од здравствените власти.

Што да направите за сопствена заштита?

-Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода);

-Избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети;

-Консултирајте лекар при сомнителен осип, истакува докторот“, додавајќи дека граѓаните треба да се информираат од релевантни извори, а не од гласини!

„Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника“, потенцира Даниловски.

Слични содржини