За Бугарија, случајот против македонскиот Бугарин, Љупчо Ѓоргиевски во Битолa е пресвртница во однос на подготвеноста на властите во Скопjе да ја гарантираат рамноправноста на Бугарите и да ги решат проблемите со кои се соочуваат. Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
На 21 мај 2025 година, во Основниот суд – Битолa се одржа последното рочиште во случајот против Ѓоргиевски. Тој како екс-претседател на сега веќе избришаниот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“, се суди за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола, а судскиот процес се одржува од 2023 година.
„Министерството за надворешни работи внимателно го следи развојот на процесот уште од самиот почеток пред повеќе од 2 години. И Амбасадата на Бугарија во Македонија и Генералниот конзулат во Македонија во Битола се постојано вклучени, вклучително и присуството на амбасадорот, генералниот конзул и конзулите од двете претставништва на рочиштето на 21 мај“, забележуваат од бугарското МНР.
„На властите во Скопјe постојано им е кажано дека овој случај е пресвртница за Бугарија во однос на нивната подготвеност да ја гарантираат рамноправноста на Бугарите и да ги решат проблемите со кои се соочуваат“, додаваат од Софија.
„Бугарија очекува праведна одлука од судот и отфрлање на неоснованите обвинувања против Ѓоргиевски. Сепак, оваа правда, за жал, нема да ги избрише последните години на огромен стрес и нарушен личен живот на македонскиот Бугарин.
Суштината на институционалниот притисок што се врши не е само конечниот резултат, туку и неповратните последици од целиот процес на негово спроведување. Како и досега, Министерството за надворешни работи ќе продолжи да инсистира, вкл. ангажирање на своите партнери од ЕУ за да се запре овој притисок врз бугарската заедница во Северна Македонија.
Бугарските институции остануваат непоколебливо посветени на нивните доследни напори за заштита на правата на македонските Бугари, вклучувајќи го и Ѓоргиевски“, се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи.
Поранешниот премиер, Љубчо Георгиевски се појави пред Основниот суд во Битолa како сведок во случајот против Ѓоргиевски.