Кошаркарскиот тим на Фенербахче го победи Панатинаикос со 82:74 во полуфиналето на Фајнал-форот на Евролигата, што се одржува во Абу Даби. Со оваа победа, Фенербахче обезбеди место во финалето, каде што ќе игра против победникот од дуелот Монако – Олимпијакос.
Тренерот Шарунас Јасикевичиус и неговата екипа одиграа фантастичен натпревар и водеа речиси во целата игра. Единствено во почетокот Панатинаикос имаше кратки водства, 2:0 и 5:3, но потоа Фенербахче ја презеде контролата и не ја испушти.
Иако Панатинаикос се врати во игра две минути пред крајот, заостанувајќи само три поени, Грците не успеаја да го искористат последниот напад. На спротивната страна, Фенербахче погоди тројка која го реши натпреварот.
Кај Фенербахче, Девон Хол беше најдобар стрелец со 18 поени, следен од Тарик Биберовиќ со 15 и Ерик Меколам со 13 поени. Кај Панатинаикос, најмногу поени постигна Чеди Осман – 22, Кендрик Нан имаше 19, додека Костас Слукас целосно потфрли, постигнувајќи само 2 поени.