Нова рунда нуклеарни преговори: Иран и САД без договор

од Марта Пешевска
22 прегледи

САД и Иран завршија уште една рунда преговори за иранската нуклеарна програма, но без значителен напредок.

Разговорите што се одржаа во Рим, под посредство на заливската држава Оман, траеја околу три часа. Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, на социјалната мрежа X напиша дека преговорите завршиле со одреден, но не и конечен напредок.

„Петтата рунда разговори меѓу Иран и САД заврши денес во Рим со одреден, но не и конечен напредок“, порача Бадр ал-Бусаиди. „Се надеваме дека ќе ги разјасниме преостанатите прашања во наредните денови за да можеме да се движиме кон заедничката цел – постигнување одржлив и чесен договор“, додаде тој.

На иранската страна во преговорите учествуваше Абас Арагчи, вицепремиер и министер за надворешни работи на Иран, додека од американска страна преговараше специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф. САД бараат од Иран целосно да го запре збогатувањето на ураниум, што Вашингтон го смета за неопходна мерка за да спречи развој на нуклеарно оружје.

Од друга страна, Техеран го отфрла ова барање, но е подготвен повторно да ја ограничи својата нуклеарна програма и да дозволи построги контроли. Иран истакнува дека нивната нуклеарна програма е наменета исклучиво за цивилни цели. Експертите сметаат дека токму ова прашање е клучно за успехот или неуспехот на преговорите. Доколку не се најде заеднички јазик околу збогатувањето на ураниум, можно е разговорите да пропаднат.

Ова е петтата рунда преговори, а надежите се дека наскоро ќе се постигне договор кој ќе обезбеди мир и стабилност во регионот.