Новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, беше претставен денес на стадионот „Бернабеу“. Тој потпиша договор на три сезони, заменувајќи го Карло Анчелоти, кој ќе биде селектор на бразилската репрезентација.
Алонсо официјално почнува со работа на 1 јуни и ќе го предводи тимот на Светското клупско првенство, кое започнува две недели подоцна.
„Без сомнение, ова е многу посебен ден за мене. Ден што ќе го паметам до крајот на животот. Многу сум среќен што сум тука, во она што го чувствувам како свој дом. Врската со Мадридизмот никогаш не е прекината и откако влегов во Валдебебас пред час и половина, тоа чувство повторно се роди“, започна Алонсо.
„Имам чувство дека ова е почеток на нова етапа. Флорентино, ти благодарам многу за довербата. Пред да почнам да зборувам за новата етапа, не сакам да заборавам да го споменам човекот што си замина. Карло Анчелоти беше мој тренер и, голем човек кој имаше огромно влијание врз мене. Без неговото мајсторство, веројатно не би бил тука. Ја преземам палката и го прифаќам неговото наследство со голема чест и гордост. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата и ќе го водам клубот таму каде што сите веруваме дека можеме да стигнеме.“
„Започнуваме фаза каде што чувствувам дека клубот и навивачите се обединети. Имаме одличен тим, имаме фантастични играчи и многу добар потенцијал. Ова ми дава причини да дојдам тука со многу енергија и вера. Убедени сме дека можеме да постигнеме важни работи достојни за Реал Мадрид“, рече Чаби Алонсо.