Националниот совет за евроинтеграции и бизнис-заедницата со заеднички повик за продолжување на Реформската агенда

од Марта Пешевска
26 прегледи

Националниот совет за европски интеграции денес одржа јавна расправа со претставници од стопанските комори, граѓанскиот сектор и медиумите, на која заеднички беше истакната потребата од континуирано спроведување на Реформската агенда во рамки на евроинтегративниот процес.

На расправата беше нагласено дека политичкиот дијалог и консензус се неопходни за забрзување на европските реформи. Членовите на Советот апелираа до сите политички чинители да ги надминат разликите и да се фокусираат на заедничките државни интереси, особено во контекст на потребата од усогласување со европските стандарди.

Претставници на стопанските комори ја изразија поддршката за пристапниот процес и укажаа дека стабилна, транспарентна и предвидлива бизнис-клима е клучна за економскиот раст. Тие потенцираа дека имплементацијата на Реформската агенда не смее да зависи од политичките циклуси, туку треба да биде долгорочен приоритет.

И од граѓанскиот сектор беше побарано јасно дефинирање на реформските цели, транспарентност во процесот и вклученост на сите засегнати страни. Заклучокот од расправата беше дека реформите мора да продолжат без застој, бидејќи тие директно влијаат на квалитетот на животот на граѓаните и перспективите за членство во Европската Унија.

Националниот совет за европски интеграции најави дека ќе продолжи активно да ги следи реформските процеси и да го поттикнува дијалогот помеѓу институциите, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор во насока на побрза интеграција на земјата во ЕУ.

Слични содржини