Од СДСМ обвинуваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влегува во летната сезона без никаква подготвеност за справување со шумски пожари, и покрај минатогодишната катастрофа кога изгореа речиси 10% од територијата на државата. „Цела година немаат направено ништо – авионите не се сервисирани, опрема нема, институциите се дезорганизирани. Новиот директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, јавно призна дека државата е неподготвена“, велат од СДСМ.
Според нив, наместо подготовки, Владата се занимавала со поделба на функции и расправии во коалицијата. Обвинуваат и дека фокусот бил ставен на тендери и бизнис интереси, наместо на заштита на граѓаните и природата. „Минатата година Мицкоски ја обвини СДСМ за наводна лоша состојба, а токму под негово водство изгореа најмногу шуми во последните две децении. Ќе видиме дали и ова лето ќе им биде виновен некој друг“, додаваат од СДСМ.