По сезона која не ги исполни високите стандарди на клубот, Реал Мадрид решително тргнува кон враќање на врвот. „Кралскиот клуб“ веќе започна со подготовки за следната сезона и тоа со сериозни чекори – нов тренер, нови засилувања и продолжување на соработката со една од клучните ѕвезди на тимот, Винисиус Жуниор.
Бразилецот, кој има 24 години, ќе добие нов договор со важност од три години и значително подобрени финансиски услови. Цела сезона тој беше во преговори со раководството за продолжување на договорот, додека истовремено добиваше богати понуди од клубови од Саудиска Арабија – нешто што го искористи како средство за преговарање и подобрување на позицијата во Реал.
Иако официјалните детали за платата сè уште не се објавени, новиот договор е јасен сигнал од Реал дека тимот е решен да се врати посилен и поамбициозен по разочарувачката сезона. Винисиус оваа година постигна 20 гола и запиша 11 асистенции во сите натпреварувања, но тоа не беше доволно за клубот да освои барем еден трофеј – за разлика од минатата сезона кога токму тој беше еден од клучните играчи во освојувањето на Лигата на шампионите и Ла Лига.
Покрај продолжувањето на договорот со Винисиус, клубот веќе направи неколку важни трансфер потези. На „Сантијаго Бернабеу“ пристигнува англискиот бек Трент Александер-Арнолд како слободен агент, а од Борнмут е донесен младиот дефанзивец Дин Хајсен за 50 милиони евра.
Најголемата промена, сепак, е на тренерската позиција – Чаби Алонсо, поранешниот играч на Реал и еден од најперспективните млади тренери, го презеде кормилото на тимот. Со новата енергија, засилувањата и подготвеноста на клучните играчи да останат и да се борат, Реал Мадрид јасно става до знаење дека следната сезона ќе биде со една цел – враќање на европскиот и домашниот фудбалски трон.