Високиот руски безбедносен функционер Дмитриј Медведев изјави дека единственото навистина лошо нешто од кое треба да се плашиме е Третата светска војна. Ова го рече како одговор на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп упатени кон рускиот лидер Владимир Путин.
„Што се однесува до зборовите на Трамп дека Путин ‘си игра со оган’ и дека на Русија ѝ се случуваат ‘навистина лоши работи’, јас знам само за едно навистина лошо нешто – Третата светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира тоа!“, напиша Медведев на социјалната мрежа X.
Трамп, пак, во вторник продолжи со критиките кон Путин и оцени дека рускиот претседател „си игра со оган“ поради најголемиот воздушен напад врз Украина од почетокот на конфликтот. „Она што Путин не го разбира е дека ако не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Ова е продолжение на неговите претходни критики упатени кон Москва, откако во понеделник изјави дека Путин „полудел“ поради силниот напад врз Украина, и додаде дека размислува за нови санкции кон Русија.
Сепак, Трамп досега не воведе нови санкции, иако официјални американски претставници соопштија дека постои подготовка за можен нов пакет санкции, доколку претседателот го одлучи тоа. Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски врши притисок врз САД да ја зголемат воената помош за Украина.
Русија изведе еден од најголемите воздушни напади со беспилотни летала и ракети врз Украина во текот на викендот, од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. Нападите значително се намалија во понеделник вечерта. Истовремено, Украина испрати десетици дронови со долг дострел кон Русија, што принуди некои московски аеродроми привремено да бидат затворени.