Арсовска обвинува за опасна урбанистичка мафија! – Во Ѓорче Петров ќе се градат хемиски фабрики и згради врз изворите за вода на Скопје!

од Марта Пешевска
51 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јавно објави сериозни сомнежи за урбанистички и институционален криминал во две скопски општини – Ѓорче Петров и Чаир. Според нејзините тврдења, во Ѓорче Петров се планира изградба на три хемиски фабрики и над 30 згради на површина од 157.000 квадратни метри. Со ова, како што предупредува, би се дуплирал бројот на жители дозволен со Генералниот урбанистички план (ГУП), а загрижувачки е што целата изградба би се одвивала врз бунарите во заштитната зона „Нерези – Лепенец“, од кои се снабдува со вода цело Скопје.

Арсовска истакна дека Деталниот урбанистички план (ДУП) е донесен спротивно на законот, без обврзувачката согласност од Град Скопје – што го прави невалиден. Уставниот суд, сепак, одбил дури и да ја разгледа иницијативата за оценка на уставноста поднесена од Градот, без образложение, па се поставува прашањето ако не ја разгледуваат како да се докаже дека ДУП-от е незаконски и неуставен.

Покрај ова, Арсовска откри и нов скандал во Општина Чаир, каде според неа е извршена криминална легализација со фалсификувани документи. Како што изјави, институциите наместо да истражуваат, се обидуваат да го прикријат случајот – доставувајќи поништување во Катастар дури по нејзината пријава, но со антидатиран документ, за да изгледа како да реагирале на време.

Во објавата, таа директно ги обвини Владата, Министерот за внатрешни работи, како и функционерите Висар Ганиу и Изет Меџити за учество во прикривање докази и уништување документи, повикувајќи го Јавното обвинителство итно да постапи.

„Овој криминал се случува пред очите на сите. Време е некој да одговара“, порача Арсовска, означувајќи ги и амбасадите на САД, Германија, Обединетото Кралство и Делегацијата на ЕУ.  Скопје бара вистина, а граѓаните – правда.

Слични содржини