Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е длабоко разочаран од текот на конфликтот во Украина, особено по масовните руски ракетни и беспилотни напади изминатиот викенд. Тој порача дека „гласно и јасно“ испратил пораки до Русија и најави можност за промена во неговиот пристап ако се покаже дека Москва само ги користи обидите за преговори.
„Наскоро ќе откриеме дали нè користат или не. Ако е така, ќе реагираме малку поинаку“, изјави Трамп пред новинарите пред Белата куќа.
Запрашан зошто досега не вовел санкции кон Русија, Трамп одговори дека не сака да ја уништи можноста за постигнување мировен договор. Тој истакна дека е подготвен лично да седне на преговарачка маса, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, доколку тоа биде потребно. „Не можам да кажам дали Путин навистина сака крај на војната – но ќе дознаам во наредните две недели“, додаде Трамп.
Во меѓувреме, Русија ѝ понудила на Украина нова рунда мировни преговори, закажани за 2 јуни во Турција. Засега, официјален одговор од украинска страна сè уште нема.